Македонија е во карантин. Коронавирусот ги затвори луѓето дома давајќи им доволно време да размислат за животните одлуки, за луѓето околу себе, за средината, природата... 

Иако првичниот импулс на домазатворените карантинџии е одење во кафана, јадење и пиење, сепак ќе се обидеме да ви дадеме 10 подобри и позабавни алтернативи за уживање во животот. 

1. Победете го стравот од летањето 

Можеби и немате страв ама не сте ни знаеле дека може во Македонија да скокате со падобран, да летате со авион,  едрилица и параглајдер. Сето ова можете да го наравите во Аероклубот Скопје. 

Тандем скок, соло скок, летови со едрилица,  авион и параглајдер ќе ви ги отворат хоризонтите и физички и ментално. Македонија од воздух изгледа прекрасно.

Скоковите и летовите со едрилица и авион можете да ги направите на Спортскиот аеродром Стенковец во Скопје. Пријавете се овде

Куманово, Штип и Битола си имаат свои аеродроми. 

Летањето со параглајдер можете да го направите во Скопје (Водно и Скопска Црна Гора), Охрид, Крушево, Попова Шапка.  

Други клубови кои вршат обуки и летаат тандем параглајдери се: ВЕРТИГО, ДЕЛТА Прилеп, Zero Gravity

Може да го направите и ова тандем парамотор

Заследете на Инстаграм

 

2. Трчајте на улични трки

Скопскиот маратон станува се помасовен, а голем е бројот и на други трки низ државата. Треба да се почуствува како е да се трча со илјадници луѓе низ улиците на Скопје, Охрид, Битола, Кавадарци, Велес, Струмица.... да се почуствува таа позитивна вибрација. Почнете со трчање на кеј, во парк, на планина. Станете дел од некоја тркачка дружина, а ги има многу. Имате и книги од македонски автори поврзани за трчањето, Издржи Кралице (Весна и Александар Кираџиев), Трчањето ме учи (Кокан Ајановски), прочитајте ги, ќе се мотивирате да почнете да трчате. Ако ви треба помош ене ви на кеј во Скопје неколку тркачки дружини: првДОврв, Nike + Run Club Skopje, AK Delta, 091 RunCrW, AAK Skobul, и уште многу други.

И не заборавајте, мотото на овогодинешниот Скопски маратон кој ќе се одржи на 4 октомври е #ТрчањетоЌеТеПромени #RunningWillChangeYou, ако пробате ќе се уверите во тоа многу брзо. 

 

3. Одете на планина

Планинате и дивината можеби на прва ви изгледа како изолација која и до сега сте ја имале, ама не е така. Можеби треба полека да се враќаме во нормална социјализација со пријателите и работите што сме ги „научиле “ во карантинот да си ги поделиме со пријателите низ преубавите планини на Македонија. 

Планинарењето е добро организитано преку Федерација на планинарските спортови но Македонија. Постојат многу клубови и друштва. Мене омилениот ми е Планинарски Клуб КОРАБ поради традиционално искачување на Голем Кораб (2764 мнв) секоја година на Денот на независноста на Макединија. 

Убави места кои можете да ги посетите се Лешница и Љуботен – Шар планина, Големо едеро – Пелистер, Корабски водпади – Кораб, Рамно – Скопска Црна Гора, Пехчевски Водопади - Малешевските Планини, Бегово поле – Солунска глава и многу  други. 

 

4. Патувајте со велосипед

Патувајте со велосипед низ Македонија. Има толку убави места што можете да ги посетите и доживеете само со велосипед. Можност да уживате во патувањето, а не само во дестинацијата. 

Од време на време се организираат тури низ Македонија, каде масовно се вози во големи групи. Едни од најпознатите се Шарски води, Околу мавровското езеро, низ Струмичко поле... Прочитајте повеќе на Википедија

Ако немате точак може да изнајмите од Bicycle.MK, а нивните водичи се спремни да подготват авантура по мерка за вас и вашето друштво или семејство. Во соработка со планинарскиот дом Боговиње на Шар Аутдорс може да ви понудат викенд на планина каде ќе пробате да возите е-точак и/или фул суспеншн на некоја од живописните патеки кои ги нуди Шара. Турите на Bicycle.MK се секогаш осмислени да понудат задоволство како за авантура, така и за гурмански вкусови и спознавања на локалната култура и природата.

Повеќе информации на www.bicycle.mk и www.sharoutdoors.com

 

5. Одете на кампување 

Посебно доживување за лабавење по гаќи. Освен што е добро е за полнење на батерии, добро е и како придружна вештина за други убави активности што се во листава:  планинарење, патување со велосипед, едрење, алпинизам, кајак...

Низ Македонија има кампиви во Градиште, Автокамп Љубаништа, Свети Наум, Извиднички центар сите во Охрид; Автокамп АС во Струга Крани во Преспа и Партизан во Дојран.

Може и да се кампува во Демир Капија со алпинизам, Велешко со кајак, Саламандер камп на Матка покрај Треска...

 

6.Вежбајте јога  

Да ја пронајдевте јогата порано самоизилацијата немаше да ви биде тешка. Сепак за што и да правите во животот потребна ви е еластичност и средени мисли. Јогата ве поврзува со себе. Не треба посебна опрема, само треба да почнете редовно на часови да одите во најблиското јога студио. Можете и да се обидете и сами со YouTube видеа, ама така ќе го газите патот поспоро.

Аштанга јога носи со себе дисциплина и јако тело, Кундалини јога ја буди и движи енергијата на душата низ телото, Хата јога е помека медитативна пракса. За секој има пракса, и кога станува редовна секој ден е збогатен. Има многу студија за практикување на Јога, но мене ми е омилено AshtangaYogaSkopje.

 

7. Кајакарете

Македонија има многу реки и езера кои особено во овој период се одлични за забава на вода. Мавровско и Велешко езеро се само на саат време возење со кола, а езерото Матка и помалку. На Матка веќе има поставено кајаци кои се изнајмуваат за некои 200-300 денари на час. Кајак клуб Илинден во текот на сезоната има план да направи рафтинг тури од Матка до Скопје по река Треска.

Секако во игра се и даските за на вода што се пумпаат или популарно наречени супови за на езеро, можете да ги најдете за некои си 300-500$  во ПРОСПОРТ или НОМАД, така ќе може стално да ги имате за себе во гепекот од автомобилот. На Велешко езеро ќе има гумени кајаци за двајца од кајак клубот Арка. Само јавете се на Љубомир Спасиќ, телефонскиот број му е  070373930. 

Ако сакате да се занимавате посериозно со кајак на диви води клубот Илинден ‘90 Скопје ја нуди таа можност. Јаете се на Огнен Бражански - 078301791 или пратете порака на Е-пошта.

Повеќе фотки на ИНСТАГРАМ  и ФЕЈСБУК.

 

8. Нуркајте 

Нуркањето најчесто си го замислуваме на егзотични места во топли мориња или океани. Ама за да можеме да го доживееме убавиот сон на нуркањето треба да почнеме некаде да ги градиме техниките и знаењето. Тоа може да се направи и во Македонија. Да ги земете сите меѓународни дозволи и сето потребно знаење овде и да го искористите во дестинациите на соништата. 

Во Македонија дел од обуката се одвива на базен и потоа во Охрид. Посебно достигнување е нуркање во пештерите на Матка. Нуркачи од цел свет доаѓаат да го искустат тоа доживување. 

Се почнува со OPEN WATER DIVER, па идат Advance, Rescue, Emergency First Responce се до профи дозбола DIVEMASTER. 

Постојат неколку клуба каде мошете да го направите ова: SKUBA DIVING MACEDONIJA, АKVATEK и  AMFORA

 

9. Едрете на даска

Едрење на даска е лесно ако одите и учите во Даљан кај Пере. Во комбинација со кампување можете брзо да се опуштите и да едрите на ветрот, не само во Охрид, туку и на Велешко езеро, Тиквешко, Преспа.

Нема потреба од претходни познавања или одредена физичка подготвеност, условите за учење се идеални во летниот период. Доколку сте љубител на вода и сонце, изучувањето на овој спорт би бил одлично искуство. Во нашата држава не постои регулативно тело за лиценци и дозволи, но има клубови кои рекреативно се занимаваат со едриличарство на вода.

Едрењето на даска е еден од многуте спортови на пловење во вода со помош на ветрот.  За информации околку едрење на даска слободно јавете се на 070/270-170 (Пере) и 070/356-331 (Бојан) од клуб Пеликан, Скопје.

 

10. Качувајте се по карпи

Активност за целото тело и максимално активирање на умот. Секако пропратено со огромни дози на адреналин. И најдоброто - наменето за сите - спортското качување на познава граници! Со максимална безбедност и одлична инфраструктура овој олимписки спорт е се почест избор за хоби на голем број ентузијасти. 

Иако посебен спорт со посебна лига на натпревари, сепак е тесно поврзан со планина и авантура. Во Скопје, на кеј на Вардар во карпош 4 е највисоката вештачка карпа на Балкан, 26м висина. И висока и убава, со насоки за секоја форма и вкус. СКС Карпош е секогаш спремен за голем број авантуристи кои сакаат да ја предизвикаат гравитацијата и самите себе си. Исто така Болдер Бар (под Кале) ви е на располагање како вежбална за сечии потреби.

Кога сме кај природните карпи - Македонија ги има во изобилство: Матка, Бислим, Демир Капија, Охрид, Маврово, Плоча, Прилеп итн итн...А откако ќе ви се допадне и влезе под кожа спортов тогаш во еден од бројните клубови ширум државава можете да добиете целосна обука, да се стекнете со лиценца спортски качувач.

Инфо на http://www.climbingschool.mk/ и http://www.climbing.mk/.

 

Текстот за Вас го подготвија Јане Стефанов, Кире Синадиновски, Маја Бошковска, Бојан Ранташа, Ивана Батев, Огнен Бражански, Игор Трајаноски, Бојан Ивановски, Ване Наунов

 

Поддржано од

Проект за локална и регионална конкурентност.
Проектот е финансиран од страна на Европската Унија.

Оваа веб-страна беше креирана и одржувана со финансиска поддршка на Европската унија. За содржината на оваа веб-страна единствено е одговорно АК Скопје и таа не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.

Airflow